Децата кои пред неколку дена беа примени со симптоми на труење во кумановската болница, се затруле од храната во кујната на градинката „Ангел Шајче“. Мострите земени од Агенцијата за храна и ветеринарството, покажале присуство на салмонела во пакување од мајонез, а од Центарот за јавно здравје Куманово информираат дека лабораториските испитувања потврдиле салмонела кај 31 дете.
„Заклучно со денешниот ден од почетокот на епидемијата, односно од 10 мај до сега има вкупно пријавено 66 деца, со симптоми на акутно труење со храна, покачена температура, малаксаност, чести проливи. Кај 31 дете е изолирана салмонела, во тек се испитувања на уште на 5 копрокултури, кои пристигнаа во текот на денешниот ден. Направени се и вонредно здравствено-хигиенски прегледи на 12 вработени од кујните во трите објекти и кај тројца е изолирана салмонела“
изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово.
Од кумановската болница велат дека децата се во подобра здравствена состојба, на болничко лекување се три од затруените. Кујната во градинката останува затворена, а градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски најави дека ќе бара одговорност за случајот.