Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, изјави дека американски и израелски претставници разговарале на повеќе нивоа

Соединетите Американски Држави веруваат дека е можно да се избегне регионален конфликт по тензиите помеѓу Израел и Хезболах и покрај смртоносниот ракетен напад во Голанската Висорамнина, при што загинаа 12 деца, соопшти денеска Белата куќа.
Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, изјави дека американски и израелски претставници разговарале на повеќе нивоа.
„Никој не сака поширока војна и уверен сум дека ќе можеме да избегнеме таков исход. Сите слушнавме за ‘сеопфатна војна’ на повеќе точки во изминатите 10 месеци, тие предвидувања тогаш беа претерани, сосема искрено, мислиме дека и сега се претерани“,
изјави Кирби.
Израел верува дека Хезболах е одговорната групација за нападот бидејќи само тие поседувале таков вид оружје, додека либанската групација го отфрли обвинувањето.
Либанскиот министер за надворешни работи за време на викендот повика на меѓународна истрага за нападот, сè со цел да се утврди одговорноста и да се затвори прашањето пред да избие воен конфликт.
Инаку, амбасадата на САД во Бејрут ги повика своите државјани да го следат планот за дејствување при кризни ситуации.
„Американските граѓани треба да направат план за акција и да заминат пред да започне кризата за да се заштитат себеси и своите најблиски“,
објави на X, Рена Битер, задолжена за конзуларните работи во Вашингтон.