Жител на северозападниот дел на Орегон има позитивно тестирање за коронавирус, без позната историја на патување во земји кои се погодени со овој вирус или контакт со заразени лица, соопштија американските здравствени власти.
Ова е трет случај со непознато потекло во САД и според властите во Вашингтон укажува на тоа дека вирусот се шири. Инаку, ова е првиот случај на коронавирус во сојузната држава Орегон.
Единствено е познато дека се работи за возрасен пациент, чија старост и пол не се откриваат и тој се наоѓа во медицинскиот центар Кајзер Перменте Вестсајд во Хилсборо.
Директорот Патрик Ален вели дека случајот се уште чека потврда на резултатите од тестирањето од Центарот за контрола и спречување на болести.
Вчера, здравствените работници во округот Санта Клара, во Калифорнија, соопштија дека 65-годишен жител е потврден случај на коронавирус со непознато потекло. Тој е вториот случај во САД за кој не може да се најде врската на заразата. Првиот таков случај беше жена од округот Солано, на околу 90 милји од Санта Клара.
Светската здравствена организација вчера објави проценка на ризикот од коронавирусот, која ја означи како „многу висока“ во однос на ширењето и влијанието. Официјални лица на СЗО соопштија дека нивната проценка – највисоко ниво на прогласување на глобална пандемија – не го менува пристапот што земјите треба да го преземат во борбата против вирусот, но треба да служат како „аларм“ за земјите да ги брзаат подготовките.