Еден од документите открива дека САД сметаат оти Гутереш толку многу сакал договорот за жито да опстане, што бил подготвен да ги прифати руските интереси. Неколку документи, пак, се однесуваат и на приватната комуникација на шефот на ОН со неговата заменичка Амина Мохамед

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, премногу ѝ удоволува на Русија, сметаат САД според откритијата од протечените тајни документи од Пентагон.
Документите откриваат дека американската влада верува оти Гутереш е „премногу“ подготвен да ги прифати руските интереси.
Според тоа што е наведено во нив, Вашингтон внимателно го набљудувал шефот на ОН изминатиот период, а неколку документи се однесуваат и на неговата приватна комуникација со неговата заменичка Амина Мохамед.
Еден документ, на пример, се однесува на договорот меѓу Русија и Украина за извоз на жито, што беше постигнат со посредство на ОН и Турција во јули лани и во него се сугерира дека Гутереш толку многу сакал договорот да опстане што бил подготвен да ги прифати руските интереси.
Без конкретен коментар за она што го пишува во протечените документи, висок функционер на ОН, пренесува Би-би-си, вели дека Обединетите нации се водат од потребата да се ублажи влијанието на војната врз најсиромашните во светот.
„Тоа значи да направиме сè што можеме за да ја намалиме цената на храната“,
вели тој.
Друг документ, пак, се однесува на разговор што го имал Гутереш со неговата заменичка, во кој тој изразува загриженост од повикот на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, Европа да произведе повеќе оружје и муниција поради војната во Украина.