Американската агенција за лекови (ФДА) исто така ја одобри третата доза од вакцината на „Фајзер“ за деца со послаб имунитет од пет до 11 години
Американските здравствени власти одобрија трета, засилувачка доза на антиковид вакцината на „Фајзер“ за деца од 12 до 15 години, а периодот помеѓу аплицирање на втората и третата доза на вакцината е намален од шест на пет месеци, пренесува српската агенција Бета.
Одлуката е донесена поради зголемениот број на позитивни случаи на омикрон сојот, во период кога учениците треба да се вратат во училиште, по распустот.
Американската агенција за лекови (ФДА) исто така ја одобри третата доза од вакцината на „Фајзер“ за деца со послаб имунитет од пет до 11 години. Во таа група спаѓаат и деца кои имаат трансплантација на орган.
САД во моментов бележат во просек околу 400 000 новозаразени дневно, што е најголем број од почетокот на пандемијата со коронавирус.
Повеќе од 103 000 лица, пак, во моментов се хоспитализирани поради компликации од коронавирусот, што е најголем број од ноември минатата година, а се зголемува и бројот на хоспитализирани деца.