Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер ја охрабри владата на Косово да се врати кон близок и конструктивен ангажман со Соединетите Американски Држави и Европската Унија
Континуираните некоординирани одлуки кои ги преземаат властите во Косово ги загрозува сите можности кои Вашингтон помогна да се создадат. Ова е одговорот на портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на новинарско прашање во однос на тоа дали треба и дали ќе има последици за косовските власти по неодамнешното затворање на филијали на „Пошта на Србија“ на северот на земјата.
„Ние веруваме дека тие одлуки ги загрозија можностите што му помогнавме на Косово да ги создаде. Ако ги погледнете настаните од независноста на Косово, САД силно ја поддржаа целосната интеграција на земјата во меѓународната заедница како суверена мултиетничка демократија, соработувавме со успешните политички лидери на Косово за мерки кои го зајакнаа мирот и просперитетот во земјата додека Косово напредуваше на евроатлантскиот пат“,
рече Милер.
Милер вели дека не сака да шпекулира какви ќе бидат идните потези на американските власти, но и дека овие ставови биле изнесени приватно на владата на Косово и додаде дека САД ја охрабруваат официјална Приштина да се врати на патот кој води кон близок и конструктивен ангажман со САД, Европската Унија, НАТО и другите меѓународни партнери на земјата.
Пред три дена на северот на Косово во полициска акција беа затворени шест филијали на „Пошта на Србија“ поради работење без лиценца. Заменик-командантот на косовската полиција за северниот дел од земјата, Ветон Ељшани, изјави дека дополнително се проверувале уште три други објекти и дека најверојатно сите филијали опфатени во акцијата ќе бидат целосно затворени.
„Денеска околу 14 часот полицијата спроведе операција на девет локации на северот на Косово откако добивме информација и барање од органот за регулирање на електронската поштенска комуникација од Приштина дека на северот на Косово има пошти кои не се лиценцирани, поточно не се регистрирани“,
рече Ељшани.