Според неа, Израел има право да се брани, но истовремено дека мора да се почитуваат правилата на војната и дека мора да има проток на хуманитарна помош
Соединетите Американски Држави не планираат да испратат борбени трупи во Израел или Газа.
Ова вчера го потврди американската потпретседателка Камала Харис за Си-би-ес, која истовремено увери и дека постојано е вклучена во брифинзи и телефонски повици за кризата на Блискиот Исток.

„Апсолутно немаме намера ниту планираме да испратиме борбени трупи во Израел или Газа“,
изјави таа.
Нејзината изјава е потврда на претходниот коментар на портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, кој овој месец рече дека САД немаат намера да стапнат на копно.
„Терористичката организација Хамас уби стотина млади луѓе на концерт. Според повеќето проценки, најмалку 1 400 Израелци се мртви. Израел, без никакво прашање, има право да се брани. Многу е важно да нема мешаница меѓу Хамас и Палестинците. Палестинците заслужуваат еднакви мерки на безбедност и сигурност, самоопределување и достоинство, а ние бевме многу јасни дека мора да се почитуваат правилата на војната и дека мора да има проток на хуманитарна помош“,
заклучи Харис.