Експертите предвидуваат дека за да се вакцинира 70 отсто од светската популација потребни се околу 11 милијарди дози вакцина. Целта која ја постави Светската здравствена организација (СЗО), е до крајот на 2021 година да се вакцинира 40 проценти од населението во секоја земја. Меѓутоа, тешко дека оваа цел ќе биде остварена ако се земе предвид моменталната ситуација
САД следната година ќе донираат уште 500 милиони дози вакцини против ковид-19 од „Фајзер“ на земјите во развој, најави денеска американскиот претседател Џо Бајден.
„За да ја победиме пандемијата овде, мора да ја победиме насекаде“,
рече Бајден на виртуелниот глобален самит за борба против ковид-19, кој тој го организира на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
Со најавените дополнителни дози, вкупното количество на вакцини кои САД ќе ги донира низ светот ќе надмине една милијарда.
Според проценките на експертите, како што пренесе претходно „Би-би-си“, потребни се околу 11 милијарди дози вакцини за да се имунизира 70 отсто од светската популација.
Целта која ја постави Светската здравствена организација (СЗО), е до крајот на 2021 година да се вакцинира 40 проценти од населението во секоја земја. Меѓутоа, тешко дека оваа цел ќе биде остварена ако се земе предвид моменталната ситуација. Според податоците од Универзитетот Оксфорд, богатите односно земјите со високи приходи досега, барем со една доза, вакцинирале половина од своето население, меѓутоа во сиромашните односно земјите со ниски приходи, само два отсто од населението примило една доза.