По изборот на нови обвинители во четвртокот, за кој реакциите не запираат ниту денеска, „360 степени“ ги праша за став Делегацијата на ЕУ и амбасадите на САД, Германија, Холандија и на Велика Британија, кои финансиски поддржуваат проекти за јакнење на независноста на судството и на јавното обвинителство во Северна Македонија
И денеска се слуша ехото од четвртокот од изборот на нови обвинители во Вишото обвинителство – Скопје и во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, вели дека не е коректно тој да го коментира изборот, кој е во надлежност на Советот на јавни обвинители, но и дека неизборот на Ленче Ристоска не значи оти ќе нема други избори во иднина.
А токму неизборот на Ристоска за виш обвинител, како и фактот дека имињата на обвинителите што добија поддршка од Советот на јавни обвинители беа објавени во медиумите еден ден пред да бидат избрани, беа причина „360 степени“ да побара став од амбасадите во земјава кои со години инвестираат во создавање независно судство и јавно обвинителство.
„Имајќи ги предвид вашите напори во зајакнувањето на владеењето на правото и независноста на судството и Јавното обвинителство, кој е вашиот став за изборот на обвинители во Советот на јавни обвинители, за кој постојат индиции дека е резултат на договор на владејачките партии, а не процес базиран на постигнувања“,
беше прашањето што „360 степени“ го постави до амбасадите.
Во сите одговори што ги добивме не се навлегува во оценка на кадровските одлуки на Советот, но јасно се поддржува избор на најдобрите, а не на најподобните.
„Не го коментираме именувањето поединци. Ја поддржуваме независноста на судството и клучната улога на обвинителството во борбата против криминалот и корупцијата, чие гарантирање е клучна препорака во извештајот за земјата на Европската комисија за 2020 г.“,
ни одговорија од Делегацијата на ЕУ.
„Германската амбасада не коментира кадровски одлуки, донесени во македонското правосудство. Важно ни е независно правосудство, кое ја ужива довербата на граѓаните на земјата и затоа ние активно го поддржуваме реформскиот процес во правосудството и понатамошниот развој на владеењето на правото. Тоа е и централно за понатамошното приближување на земјата кон ЕУ“,
ни одговорија од германската амбасада.
Од Амбасадата на Холандија, држава која обрнува особено внимание на владеењето на правото и состојбите во правосудството кај државите кандидати за членство во ЕУ, дојде следниот одговор:
„Не го коментираме именувањето поединци. Холандија поддржува независно, непристрасно и транспарентно судство како клучен предуслов за функционирањето на владеењето на правото во Северна Македонија.“
„Обединетото Кралство продолжува да ги поддржува реформите во Северна Македонија со кои се јакнат институциите за да испорачуваат во полза на граѓаните. Ова вклучува избор на кадри во отворена, транспарентна и постапка втемелена на постигнувања. Способни институции се витални за добро управување и владеење на правото“,
се вели во одговорот на Амбасадата на Велика Британија.
Во слична насока е и ставот на Амбасадата на САД.
„Како што многупати претходно сме изјавиле, додека, генерално, не коментираме за конкретни личности, Амбасадата на САД поддржува практики на избор и напредување кои се отворени, транспарентни и базирани на постигнувања“,
велат од Амбасадата на САД.
На седницата на Советот на јавни обвинители одржана во четвртокот не помина изборот на обвинителката Ленче Ристоска во Вишото јавно обвинителство – Скопје. Иако оваа обвинителката го водеше клучниот случај на СЈО „Таргет-Тврдина“ за кој екс-дирекоторот на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на долгогодишна затворска казна, а застапува и обвиненија во други експонирани случаи, таа доби само 4 гласа „за“ од 11-темина членови на Советот. Против нејзино напредување гласаше и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.