Американскиот Стејт департмент објави дека го суспендира дополнителното финансирање на Агенцијата на ОН, велејќи дека е „екстремно вознемирен“ од наводите за вмешаност на дел од нејзиниот персонал во нападите на Хамас на 7 октомври врз Израел
Велика Британија е последната од друштвото најбогати земји во светот која го прекина финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош на Палестинците на Блискиот Исток (УНРВА), откако Агенцијата отвори истрага по информации од Израел за вмешаност на дел од нејзиниот персонал во нападите на Хамас на 7 октомври лани, пренесува Би-би-си.

Соединетите Американски Држави (САД), Австралија, Италија и Канада веќе го суспендираа натамошното финансирање на Агенцијата, а од владата на Велика Британија денеска рекоа оти се „згрозени“ од наводите изнесени од Израел.
Формирана во 1949 година, УНРВА, со децении обезбедува задравствена заштита, образование и друга хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија, потсетува британскиот национален сервис.
Откако израелските трупи ја почнаа својата копнена офанзива по нападите на Хамас во октомври минатата година, УНРВА ги користи своите капацитети во Газа за да обезбеди засолниште за стотици илјади раселени цивили.
Од Агенцијата на ОН велат дека наредиле истрага во врска со информациите доставени од Израел.
Марк Регев, советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вчера за Би-би-си изјавил дека во нападите на Хамас биле вклучени луѓе кои биле на платниот список на УНРВА.
Тој рекол дека постојат информации кои покажуваат дека наставници што работат во училиштата на Агенцијата на ОН „отворено ги прославиле“ нападите на 7 октомври.
Тој се повикал на сведоштва на Израелка држена како заложник од Хамас, која по нејзиното ослободување рекла дека била „држена во куќата на некој што работел за УНРВА“.
„Тие имаат синдикат кој е контролиран од Хамас и мислам дека е крајно време ОН да ги истражат овие врски меѓу УНРВА и Хамас“,
додал Регев.
Ваквите наводи веднаш предизвикаа реакција кај големите донатори на Агенцијата.
„Велика Британија е згрозена од наводите дека персоналот на УНРВА бил вмешан во нападот на 7 октомври против Израел, грозоморен терористички чин што владата на Обединетото Кралство постојано го осудува. Велика Британија привремено го суспендира секое идно финансирање на УНРВА додека ги разгледуваме овие наводи“,
се вели во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.
Претходно, американскиот Стејт департмент објави дека го суспендира дополнителното финансирање на агенцијата на ОН, велејќи дека е „екстремно вознемирен“ од наводите за вмешаност на персоналот на ОН во нападите.
Од Европската Унија (ЕУ), исто така, рекле дека ќе донесат одлука за натамошните чекори врз основа на исходот од целосната и сеопфатна истрага.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „ужаснат од оваа вест“.
Шефот на УНРВА, Филип Лазарини, рекол дека во тек е целосна истрага за наводите „за да се утврди вистината без одлагање“.
„За да ја заштитам способноста на агенцијата да испорачува хуманитарна помош, донесов одлука веднаш да ги раскинам договорите на овие членови на персоналот“,
рекол Лазарани, пренесува Би-би-си.
Тој посочил дека секој член на персоналот за кого ќе се утврди дека бил вклучен во „акти на терор“ ќе биде повикан на одговорност.
Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац најавил дека има за цел да ја запре работата на УНРВА во Газа по војната.
Сепак, министерот за цивилни прашања на палестинската управа Хусеин Ал-Шеик рекол дека одлуката на некои земји да ја прекинат поддршката за виталната агенција на ОН „повлекува големи политички и хуманитарни ризици за помош“.
Припадници на Хамас во нападот на југот на Израел на 7 октомври убија 1 300 луѓе, главно цивили, а уште 250 зедоа како заложници.
Настанот без преседан беше повод Израел да почне со одмазднички напади врз Хамас во Газа, во кои, според Министрството за здравство во Појасот кое е под контрола на Хамас, досега се убиени повеќе од 26 000 Палестинци.
Инаку, САД, Германија и ЕУ се меѓу некои од најголемите донатори на УНРВА.