Русија негираше дека нејзините сили користеле ирански беспилотни летала во Украина и тврди дека претставници на ОН немаат мандат да патуваат во Киев за да го испитаат потеклото на беспилотните летала
САД го обвинија генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш дека „очигледно им попушта на руските закани“ и дека не испратил официјални лица во Украина за да ги проверат беспилотните летала што ги користи Русија за кои Вашингтон и другите велат дека биле испорачани од Иран, објави Ројтерс.
Русија негираше дека нејзините сили користеле ирански беспилотни летала во Украина и тврди дека претставници на ОН немаат мандат да патуваат во Киев за да го испитаат потеклото на беспилотните летала.
Иран, од друга страна, призна дека ја снабдувал Москва со беспилотни летала, посочувајќи, сепак, дека тие биле испратени пред Русија да ја нападне Украина.
Велика Британија, Франција, Германија, САД и Украина истакнуваат дека испораката на беспилотни летала од иранско производство во Русија ја прекршува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година со која се потврдува иранскиот нуклеарен договор. Тие очекуваат Гутереш да испрати официјални лица во Киев за да го истражат проблемот.
„Жалиме што ОН не започнаа нормална истрага за тоа прекршување“,
рече заменик американскиот амбасадор во ОН Роберт Вуд на состанокот на Советот за безбедност во понеделникот за резолуцијата за иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Во извештајот до Советот претходно овој месец, Гутереш рече дека претставниците на ОН ги испитуваат достапните информации и дека сите наоди ќе им бидат достапни на властите во догледно време.
Запрашан за притисокот со кој се соочил, Гутереш им рече на новинарите дека западните обвинувања дека Иран и испорачувал на Русија беспилотни летала што се користат во Украина се гледаат во поширок контекст на сè што прават ОН во врска со таа војна за да се утврди дали и кога треба да испратат официјални лица во Киев.