Гасоводот што ќе ги поврзе Германија и Русија ќе транспортира гас од рускиот Арктик преку Балтичкото Море до Германија и е веќе 95 отсто завршен
Одлуката на САД да не воведуваат санкции за операторот на проектот „Северен поток 2“ ги зголемува шансите да се забрза изградбата на гасоводот и неговото пуштање во употреба, изјави Дмитриј Мариченко, директор на групата за природни ресурси и суровини во меѓународната агенција за рејтинг „Фич“.
Американскиот претседател Џо Бајден ги укина санкциите за компанијата која го гради гасоводот што ќе ги поврзе Германија и Русија, како и против извршниот шеф на фирмата која стои зад проектот, кој е соработник на Владимир Путин.

Гасоводот, кој ќе транспортира гас од рускиот Арктик преку Балтичкото Море до Германија, е веќе 95 отсто завршен.
Во извештајот на Стејт департментот се вели дека компанијата „Северен поток 2 АГ“ и нејзиниот шеф Матијас Варниг, кој е поранешен источногермански разузнувач, се вклучени во спорни активности, но во интерес на САД било санкциите да се тргнат.
Бајден во неколку наврати кажа дека се спротивставува на проектот вреден 11 милијарди долари, додека државниот секретар Ентони Блинкен неодамна кажа дека ќе сторат сè што можат гасоводот да не се комплетира.
„Бајден сака да има предвидлив, стабилен однос со Русија“,
изјави сега Блинкен, додека портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека ова е позитивен сигнал.
Маринченко смета дека во моментов е тешко да се наведат конкретни рокови за завршување на изградбата, бидејќи станува збор за укинување на само дел од санкциите.
„Но, во секој случај, отстранувањето дури и на некои од нив е позитивна вест и ги зголемува шансите гасоводот да биде завршен и пуштен во употреба во рок од неколку месеци, т.е. до крајот на годината“,
додаде тој.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера ја имаа првата средба во Рејкјавик, која исто така е прва средба на високо ниво меѓу претставници на администрацијата на Бајден и неговиот руски колега, што се одржува пред евентуалниот самит на претседателите Владимир Путин и Џо Бајден во јуни.