Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека уништувањето на браната ќе има тешки последици за Украинците и за енергетската безбедност на земјата, но додаде дека е прерано да се каже дали тоа ќе влијае на претстојната контраофанзива на Украина, која има за цел повторно да ја заземе територијата контролирана од Русија
Вашингтон внимателно ги разгледува извештаите за тоа што би можело да го предизвика уривањето на браната „Нова Каховка“ на реката Днепар во Украина, но засега не може да дефинира што точно се случило, соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
„Работиме со Украинците за да собереме повеќе информации, но не можеме да кажеме дефинитивно што се случило во овој момент. Она што е јасно и што апсолутно можеме да го кажеме е дека штетата за украинскиот народ и за регионот ќе биде значителна“,
изјави Кирби за новинарите.

Тој додаде дека администрацијата на претседателот Џо Бајден внимателно ги следи влијанијата од уривањето на браната на реката Днепар, која, како што кажа Кирби, е незаконски преземена од Русија минатата година.
Кирби рече дека уништувањето на браната ќе има тешки последици не само за Украинците, туку и за енергетската безбедност на земјата, но додаде дека е прерано да се каже дали тоа ќе влијае на претстојната контраофанзива на Украина, која има за цел повторно да ја заземе територијата контролирана од Русија.
„Уривањето на браната, која ја напојува украинската хидроцентрала Каховка, може да има разорно влијание врз енергетската безбедност на Украина и сигурно ќе има влијание врз каналскиот систем на Украина“,
додаде портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Одговарајќи на обвинувањата од Кремљ оти украинските сили ја гранатирале браната „Нова Каховка“ на реката Днепар, претходно денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Твитер посочи дека тоа е практично невозможно зашто, како што вели, Русија повеќе од една година ја контролира браната.
Јужната команда на украинските сили утринава соопшти дека руските сили ја урнале браната „Нова Каховка“ во окупираниот дел на украинската област Херсон. Уништувањето на браната доведе до излевање на водата до 11 метри во областа Нова Каховка и принуди евакуација на речиси 17 илјади луѓе. Според украинското Министерство за внатрешни работи, во регионот Херсон се поплавени најмалку 24 населби.
Додека претставници на САД, Канада и на Европската Унија го осудија уништувањето на браната, а дел од нив за тоа ја обвинија Русија, официјална Москва, пак, обвини дека станува збор за намерна саботажа извршена од Украина за да се одвлече вниманието од неуспешната контраофанзива против руските сили.