Според шефот на бугарската дипломатија, во земјава постојат случаи во кои луѓе со бугарска самосвест се репресирани, а на таквите лица, како што рече, Бугарија е подготвена да им даде помош кога поднесуваат жалби до домашните, но и до европските судови
Северна Македонија нема рок за да го спроведе францускиот предлог. Кога ќе го исполни – тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес. Ова во интервју за бугарската национална телевизија БНТ синоќа го изјави в.д. шефот на бугарската дипломатија Николај Милков кој, меѓу другото, говореше за, како што рече, зголемените тензии во македонско-бугарските односи.
„Се надевам дека ќе се вразумат во однос на фактот дека треба да размислуваат за европската перспектива. Топката е на нивен терен. Немаат рок за спроведување на францускиот предлог. Кога ќе го исполнат, тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес“,
рече Милков.
Потенцира дека во моментов постои зголемување на тензиите во односите со земјава.
„Во последните месеци бевме сведоци на разни дејствија кои се непријателски и неконзистентни со разбирањето и договорната основа“,
рече бугарскиот в.д. министер за надворешни работи.
Според Милков, во Северна Македонија постојат случаи во кои луѓе со бугарска самосвест се репресирани, а на таквите лица, како што рече, Бугарија е подготвена да им даде помош кога поднесуваат жалби до домашните, но и до европските судови.
„Повеќето од нив немаат финансиски или други средства сами да го направат тоа. Мора да се охрабрат и да се чувствуваат поддржани зашто во спротивно може да бидат скршени“,
додаде бугарскиот министер.