Вал ова го истакна во својот говор по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од присуството на Мисијата на ОБСЕ во нашата држава. Тој посочи дека Мисијата во Скопје е подготвена да направи се што може за да го поддржи претседавањето на С Македонија со ОБСЕ
Ја преземате одговорноста во тешки времиња, но не се сомневам дека ќе се справите со предизвикот на одличен начин, вели амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, Килиан Вал а во врска со претседавањето на С Македонија со Организацијата кое треба да почне следната година.

Вал ова го истакна во својот говор по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од присуството на Мисијата на ОБСЕ во нашата држава.
„Додека ја славиме 30-годишнината од Мисијата, вие се подготвувате да ја преземете функцијата претседавач со ОБСЕ. Дали може да има повеќе докази од тоа за да се илустрира вашиот успех како земја? Ова е чест, признание за позитивните случувања во земјата во спроведувањето на вашите заложби од ОБСЕ. Северна Македонија ќе му покаже на светот дека е доверлив партнер во промовирањето на мирот и стабилноста“,
истакна Вал.
Мисијата во Скопје, посочи тој, е подготвена да направи се што може за да го поддржи претседавањето на С Македонија со ОБСЕ.
„Ја преземате одговорноста во тешки времиња, но не се сомневам дека ќе се справите со одговорноста на одличен начин. Од наша страна, како што му кажав на министерот Османи на нашата првична средба минатиот месец, ние во Мисијата во Скопје сме подготвени да направиме се што можеме за да го поддржиме претседавањето со Северна Македонија“,
рече амбасадорот Вал.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи истакна дека со претседавањето со ОБСЕ кое треба да почне наредната година, земјава може да даде свој печат и придонес во остварувањето на принципите и заложбите на организацијата.
Османи посочи дека за време на 30-годишното присуство на ОБСЕ во земјава беше од голема важност.
„Мисијата беше од голема важност за превенција од прелевањето на конфликтот, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, за градење на социјална кохезија и зајакнување на демократските институции и владеење на правото“,
рече министерот за надворешни работи.

Присуството на Мисијата на ОБСЕ во земјава, тој го оцени не како знак на слабост или негативна симболика, туку како многу важно, како присуство на вреден партнер во соочувањето со различни предизвици.
„Голема и вреди да се спомене листата на постигнувањата на мисијата на ОБСЕ во земјава, а некои од поважните се взаемната доверба, почитувањето, разбирањето и доверливата соработка, елементи коишто се мошне битни за имплементација на принципите и заложбите на ОБСЕ“,
истакна Османи.
На крајот на одбележувањето на годишнината беа доделени и награди за победниците на јавниот конкурс објавен од Мисијата на ОБСЕ во земјава во соработка со Агенција за млади и спорт и Националниот младински совет на тема од областа на безбедноста, солидарноста и соработката за млади од 15 до 29 години. Добитници беа Сунчица Бадаровска за цртеж, Јане Бачев за видео и Ангела Петрушевска за видео.
