Како теми што се наметнуваат врз агендата на ОБСЕ, со оглед на сложената геополитичка констелација на односите, министерот ги издвои енергетската безбедност, безбедноста на храна и вода, како теми што со својата актуелност се наметнуваат и врз агендата на Организацијата
Северна Македонија наредната 2023 година ќе претседава со ОБСЕ, а шефот на дипломатијата Бујар Османи на Постојниот совет на организацијата во Виена пред амбасадорите ги претстави приоритетите од нашето претседателство.
Неминовно, нагласи тој, централно место во агендата за в година ќе заземат руската агресија врз Украина и улогата на ОБСЕ во намалувањето на далекусежните последици од кризата.
Колку ќе се реализира рамката со приоритети, како што кажа тој, ќе зависи токму од развојот на ситуацијата во Украина бидејќи тоа директно се рефлектира на односите во ОБСЕ.
„За жал живееме во ера на турбуленции. Ситуацијата во регионот на ОБСЕ е критична. Рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да ги одразат општиот интерес на Организацијата во време на криза. На тој начина демонстрираме свесност за реалните предизвици, препознатливост и целисходност“,
рече Османи.
Како теми што се наметнуваат врз агендата на ОБСЕ со оглед на сложената геополитичка констелација на односите, тој ги издвои енергетската безбедност, безбедноста на храна и вода, како теми што со својата актуелност се наметнуваат и врз агендата на ОБСЕ.
„Доколку не дискутираме за вакви или слични предизвици, се ризикува истите да станат перпетуални, дополнителни извори на конфликти“,
рече министерот.
Рамковните приоритети на ОБСЕ, појаснуваат од МНР произлегуваат од концептот на севкупната безбедност на Организацијата.
„Тие се осврнуваат на тематски целини поврзани со традиционалниот корпус прашања што се провлекуваат во агендата на ОБСЕ низ годините: замрзнатите конфликти, нивната превенцијата, менаџирање и трансформација. Понатаму, теми поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени како и тие кои произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики“,
додаваат од МНР.
Претседавањето со ОБСЕ, Северна Македонија ќе го преземе од Полска, а согласно утврдениот формат оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.