„Такво нешто никогаш не беше договорено. На долг рок, сојузниците на НАТО рекоа да, ќе има перспектива за членство во НАТО. Но, тоа е на подолг рок, а не за мировните преговори што се водат во моментов“, рече Руте
Постои согласност дека патот на Украина кон НАТО е неповратен, но никогаш не се согласивме дека како дел од мировниот договор ќе има гарантирано членство на земјата во Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на Северноатлантскиот пакт, Марк Руте.

„Такво нешто никогаш не беше договорено. На долг рок, сојузниците на НАТО рекоа да, ќе има перспектива за членство во НАТО. Но, тоа е на подолг рок, а не за мировните преговори што се водат во моментов“,
рече Руте на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц по нивната средба во седиштето на Алијансата во Брисел.
Руте додаде дека во моментов постои тесна соработка меѓу НАТО и Украина во доставување воена помош и во обуката на припадници на украинските вооружени сили, а заедно се учат лекции од искуството во војната на украинска територија.
Генералниот секретар на НАТО истакна и дека е среќен што американскиот претседател Доналд Трамп успеал да го пробие ќорсокакот и што се има напредок во напорите за ставање крај на војната во Украина.
Мерц, од своја страна, изјави дека Трамп синоќа го информирал за неговиот план за 30-дневено безусловно примирје во Украина, што, како што рече, знае дека целосно го поддржуваат главните европски држави, а се надева и целата Европска Унија и НАТО.
„Постои шанса, по овој викенд, да се постигне 30-дневно примирје во Украина. Топката сега е исклучиво во дворот на Москва. Само таму ќе биде одлучено дали има шанса да се овозможи подолг прекин на огнот во Украина, а потоа и да се создаде простор за разговори за траен мир“,
истакна Мерц.