Обвинителот Бурим Рустеми, кој го води случајот „Поштенска банка“, во денешното сведочење рече дека го сметал за апсурдно барањето на неговата шефица Катица Јанева да се изготви извештај за овој и за случајот „Империја“ за тоа колку штета треба да платат осомничените и да се затвори предметот во истрага, без некој да оди во затвор.

„Наведената варијанта беше апсурдна затоа што евентуалните спогодби кои би се склучиле спротивно на законот не може да поминат во суд, односно да се донесе пресуда од судија на претходна постапка“,
рече Рустеми.
Ова размислување Јанева му го кажала во два наврати, од кои еднаш на колегиумот во април кој вчера го спомена и обвинителката Лиле Стефанова.
„Ова размислување ме збуни и размислував за заднината на тоа, меѓутоа следните денови претпоставував дека можеби поради начелното правно мислење на Врховен од јануари 2019 Катица сака да ги затвори отворените истраги во СЈО. Само таа варијанта ми изгледаше до некаде логична. Кон средината на април се случи еден колегиум кога Јанева го повтори ова размислување, со тоа што кажа дека така треба да се постапува кон ‘Поштенска банка’ и ‘Империја’. Го затвори состанокот и немавме можност да се произнесеме и си заминавме“,
сведочеше обвинителот.
Тој во дел од неговиот исказ посебно се осврна на мислењето на Врховен дека СЈО не е надлежен тужител за предметите после 30 јуни 2017. Тој, рече Рустеми, предизвикало ист хаос како амнестијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
„Тоа мислење предизвика условно кажано хаос, во постапувањето на предметите, затоа што во начинот на донесување, брзината со која се донесе, наликуваше на амнестијата од Иванов. Предизвика определен удар врз предметите по кои постапувавме“, рече обвинителот.
Рустеми зборуваше и за тоа дали Јанева му давала упатства како да постапува при што рече дека предистрагата и истрагата ја реализирал сам без никакво влијание за тоа кој треба да се опфати и за кои кривични дела, сè до споменатиот момент во април.

Во однос на мерките за притвор кои се барале и за одземањето на пасошите, рече дека првично имале исти мислења, единствено не се согласиле кога Томе Главчев поднел барање за враќање на пасошот, но и тоа што Јанева барала да се даде позитивно мислење не го сметал за спорно.
„Се сеќавам дека во еден момент Катица Јанева побара да му се врсти пасошот на Томе Главчев со гаранција на недвижен имот и тоа машини за производство на кошули во вредност од околу еден милион евра. Дадов позитивно мислење и по дискусија со одредени колеги заклучив дека во ред била замената имајќи ја предвид висината на гаранција”,
рече обвинителот во сведочењето.
Како што веќе информиравме, еден од поинтересните моменти што ги спомена Рустеми е и моментот кога требало да се замрзне имот на осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски.
„Се подготвуваа предлозите да се забрани отуѓување на целиот имот. Сакам да наведам еден момент, дека за еден стан кој се наоѓа во Скопје, кој беше во сопственост на едно од друштвата на Томе Главчев, Катица Јанева побара да се тргне тој стан од предлогот за замрзнување зашто по нејзино кажување тој бил продаден на нејзина пријателка или пријатели и со тоа само би нанеле евентуална штета на купувачот. Јас го направив тоа и истиот ден предлогот го достави до судот“,
рече Рустеми.
Обвинителот рече дека не се сомневал во тоа што го барала Јанева за станот и додаде дека станувало збор за голем имот, па станот немал некоја голема улога во целокупното замрзнување. Но, Рустеми се посомневал во тоа по неколку месеци кога разговарал со Лиле Стефанова.
„Таа го знаеше моментот со станот зашто кога Катица ми го кажа тоа и таа беше во канцеларијата. Најверојатно по постапувањето во предметот таа дознала дека можно е сопственик на станот да е бившиот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, кој исто беше член на Советот на јавни обвинители. Не ми беше пријатна таа информација“,
рече Рустеми.
Неговото сведочење траеше помалку од еден час. Тој одговараше само на прашања на обвинителката Гордана Смаќоска, додека одбраната на Јанева немаше прашања бидејќи, како што рече, е задоволна од сведочењето зашто смета дека нема нешто спорно во постапувањето на поранешната специјална обвинителка.
Судењето за „Рекет“ продолжува утре за кога се повикани петмина сведоци, меѓу кои и шефицата на кабинет на Јанева, Сања Димовска и водителката Лила Стојановска.
Денешното рочиште на кое сведочеше Рустеми е осмо по ред во овој судски процес. Што се случуваше на претходните прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари