Никој друг освен Катица Јанева не го урна Специјалното обвинителство, оцени шефицата на „организиран криминал“, чие интервју за Канал 5 ВМРО-ДПМНЕ го нарече „скандалозно“
Околу 65 случаи што редовното обвинителство ги презема од некогашното СЈО се во фаза на истрага или во предистрага, според информации што ги пласира шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Во гостување на Канал 5, обвинителката Русковска спомна бројки од околу 17 случаи во истrага и 47 во предистрага.
СЈО, оцени таа, не го урна никој друг освен Катица Јанева.
„СЈО се уште ќе егзистираше ако Јанева се однесуваше онака како што треба. Ништо не е наштетено на случајот ‘Империја’. Предметот е даден на вештачање. Вештите лица сега ги вештачат доказите. Нема изгледи тој случај да застари. Перењето пари не застарува. Катица одговара затоа што земала пари за пуштање од притвор и после земала и други пари. Не можете да кажете за кого било, ни за Камчев, додека нема правосилна пресуда, дека е криминалец“,
рече Русковска.
За случајот „Рекет“, односно за тоа каде завршиле парите, таа рече дека кога го вештачеле телефонот на Бојан Јовановски, според локацијата на фотографијата, се утврдило дека парите се во домот на неговите родители.
„Апсолутно, има докази дека откако се земени парите, тие завршиле во домот на родителите, а за тоа каде е торбата, јавноста треба да знае дека парите се дадени во февруари 2019 година, а Камчев дојде да пријави на 2 мај. Ние не бевме вклучени од почетокот“,
рече Русковска.
Според неа, случајот не е ниту мито ниту рекет, туку, како што рече, противправно посредување.
Русковска не е изненадена од одлуката на скопскиот граѓански суд да ги отфрли тужбите на новинарите за настаните во парламентот на 27 април.
„Не ме чуди ништо. И мојата тужба е отфрлена“,
рече Русковски, посочувајќи на тужбата што ја поднесе против ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на интервјуто на Русковска, оценувајќи го како скандалозно.
„После ваквото скандалозно интервју, Вилма Русковска веднаш треба да си даде оставка и да биде сменета од функцијата јавен обвинител. Во Македонија мора да завладее правото, но со вакви обвинители кои се под директен диктат од Зоран Заев, македонските граѓани нема да видат ни „п“ од право“,
се наведува во реакцијата на опозициската партија.