Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во вечерашното интервју за „360 степени“, рече дека недозволиво е лидерот на најголемата опозициска партија и претседателот на државата да коментираат судски одлуки.
Русковска го кажа ова како коментар на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кои денеска имаа и средба на која разговарале за осудените во случајот „27 април“.
„Кога државата очајно се обидува да добие датум за преговори со Европската Унија, вакви несреќни изјави само нè оддалечуваат од тој датум. Ако го добиеме тој датум, прво се започнува со поглавјата 23 и 24, а тоа се правосудство и владеење на правото. Сметам дека лидерот на најголемата опозициска партија, кој може на следни парламентарни избори да стане премиер на оваа држава, а уште помалку претседателот на државата, може да си дозволат да коментираат судски пресуди, ниту квалификации. Тоа не е нивна работа. Според мене, со тоа се врши директен политички притисок врз работата на судовите. Од друга страна, сите бранители на осудените најавија поднесување на вонредни правни лекови до Врховниот суд. Е сега, доколку Врховниот суд најпрофесионално го сработи предметот и најде дека пресудата треба да се укине, вие како граѓанин што ќе помислите?“,
вели Русковска.