Според неа, истрагата треба допрва да утврди која е вистинската позадина на случајот
Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете, изјави денеска поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кои е првоосомничен Љупчо Палевски-Палчо.

Во изјава за медиуми по доделувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“ во Собранието, Русковска кажа дека и колегите во Турција, од каде се очекува Палевски да биде екстрадиран, ќе го имаат сето ова во предвид.
„Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид“,
рече таа.
Според неа, истрагата треба допрва да утврди која е вистинската позадина на случајот.
Палевски е првоосомничен во двата засебни, но поврзани случаи на грабнување и убиство – прво на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, а потоа и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Тој успеа да ја напушти државата пред органите на прогонот да поведат постапка против него.
Првично, Палчо со неговиот адвокат Васко Стојков заминал за Белград, Србија, а потоа, со друг возач – Стефан Димковски од Струмица, кој е негов пријател, успеал од Србија преку Бугарија да стигне до Турција.
По распишувањето меѓународната потерница, Палевски беше фатен во градот Баликесир во Турција.
Покрај него и возачот Димковски, осомничени за убиствата се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Се товарат за две кривични дела грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.
Осомничен е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари дека помогнал при грабнувањето на девојчето, давајќи информации во колку часот неговата ќерка ќе излезе од дома.
Сите се во притвор, освен Палевски, за кого Министерството за правдаденеска испрати барањето за екстрадиција и наведе дека очекува позитивен одговор од Турција.