Руското Министерство за надворешни работи го повикало италијанскиот амбасадор во Москва на разговор поради, како што се наведува, „нелегално преминување на границата” од страна на тимот дописници на италијанската државна телевизија РАИ, кои оваа недела известуваа од делови на руската област Курск, чии делови се под контрола на украинските трупи.
Во соопштението објавено на веб-страница на Министерството се наведува дека амбасадорот добил силен протест во врска со постапките на новинарскиот тим на РАИ.
РАИ во средата го емитуваше првиот извештај на странски медиуми од рускиот град Суџа, кој беше снимен во почетните фази на украинската офанзива врз Русија минатата недела.
Повеќе од 120 000 луѓе досега се евакуирани од областа Курск откако Киев ја почна ненадејната операција во овој руски регион во близина на границата заземајќи делови од неговата територија.
Според Михаил Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина не сака да ги окупира руските територии, туку да ја натера Москва да седне на преговарачка маса, на која би се разговарало под фер услови.