Провинциите Луганск и Донецк го сочинуваат источниот регион Донбас во Украина, каде што со месеци се водат тешки борби меѓу руските и украинските сили
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата на линијата на фронтот сè уште е тешка додека руските сили се обидуваат да напредуваат во регионот на Донбас и Харков, јавуваат агенциите.
„Ситуацијата на фронтот е тешка. И покрај екстремно големите загуби, окупаторите сè уште се обидуваат да напредуваат во регионот на Донецк, да се зајакнат во регионот на Луганск, да се преселат во регионот Харков и планираат нешто на југ“,
рече Зеленски во своето редовно видеообраќање.
Провинциите Луганск и Донецк го сочинуваат источниот регион Донбас во Украина, каде што со месеци се водат тешки борби меѓу руските и украинските сили.
Инаку, овие региони беа дел од териториите што на крајот на септември и почетокот на октомври, годинава, Русија ги анектираше и ги прогласи за дел од својата територија, по спроведените т.н. референдуми во овие области.
Рефендумите и анексијата наидоа на жестока реакција и осуда од страна на меѓународната заедница.
И покрај ваквиот потег, Москва целосно не контролира ниту една од анектираните региони, а во меѓувреме украинските сили почнаа контраофанзива, што резултираше со повлекување на руските сили од областа и градот Херсон, на југот на Украина.
Русија возврати со повеќенеделно жестоко гранатирање на клучната енергетска инфраструктура на Украина, поради што многу градови и региони, меѓу кои главниот град на земјата, Киев се соочуваат со недостиг на струја, греење и вода.