Руските пранкери Вован и Лексус, кои го измамија премиерот Заев, го наседнаа и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, претставувајќи му се како Светлана Тихановскаја – лидерката на белоруската опозиција и противкандидатка на Александар Лукашенко, и претседателот на Литванија, Гиган Наусед.
Аудиоснимка од телефонскиот разговор е објавена и на Јутјуб на канал со име „enver yusuf“ и е во траење од 23 минути и 50 секунди. Во разговорот Сасоли зборува на италијански јазик и користи преведувачка.
„Ние сме многу загрижени за ситуацијата во Белорусија и го следиме развојот на настаните. Како сте вие лично?“,
вели Сасоли на почетокот на разговорот со лажните Тихановскаја и Нусед.
Од другата страна на линијата, „белоруската опозиционерка“ му кажува дека е добро и се заблагодарува што одвоил време имајќи предвид дека Сасоли има набиена агенда. Набргу во разговорот се вклучува и лажниот претседател на Литванија откако Тихановскаја кажува дека тој е со неа во моментов. Инаку, Тихановскаја се наоѓа во Литванија, каде најде засолништво после претседателските избори во Белорусија.
„Бонасера“ му вели лажниот Нусед на Сасоли, кој е Италијанец.
Сасоли го прашува како е, а набргу потоа и му се заблагодарува за „сето тоа што го прави“.
Потоа тој ѝ упатува покана на Тихановскаја да го посети Европскиот парламент.
„Би биле навистина среќни доколку може госпоѓата Тихановскаја да го посети Парламентот. Мислам дека ќе биде навистина значајно за европско јавното мислење“,
вели Сасоли во разговорот.
Разговорот понатаму продолжува како лажната Белорусинка се жали на тоа што опозицијата во нејзината земја е под напад на Лукашенко, а некои од водачите на опозицискиот блок се и нелегално уапсени.
Сасоли одговара дека ја слушнале веста и се многу загрижени за тоа, а понатаму Тихановскаја го прашува и дали ЕУ ќе воведе некои санкции за случувањата во Белорусија.
Сасоли во овој дел од разговорот уште еднаш повторува дека би било добро таа да го посети Европскиот парламент и ѝ кажува дека следната пленарна седница треба да биде во октомври што, според него, е добра можност тогаш да се реализира посетата.
Тој ја прашува и лажната Тихановскаја дали имала контакт со претседавачот на Надворешнополитиката комисија во Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, и кажува дека може да разговара со него и да ја организираат посетата. Напоменува и дека би можеле тогаш да организираат и прес-конференција.
Веста за разговорот ја пренесува и порталот „Communal news“ кој забележува дека аудиоснимката е објавена во голем број руски медиуми и се користи како дел од пропаганда за тоа дека ЕУ сакала да се меша во внатрешните работи на Белорусија.
Сасоли беше избран за претседател на Европскиот парламент на 3 јули 2019. Тој не е единствениот од политичарите во Европа, но и во САД, кои „наседнале“ на игрите на Вован и Лексус. Тие на македонската јавноста ѝ станаа познати кога минатото лето објавија три телефонски разговори со премиерот Зоран Заев кому лажно му се претставувале како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Исто така, го измамија претставувајќи му се и како активистката Грета Тунберг и нејзиниот татко.
На истиот канал на Јутјб каде е објавен разговорот на Заев со лажната Грета, на 25 август годинава се објавени и други разговори, исто така на „активистката“, со американски политичари, меѓу кои е и Камала Харис, кандидатка за потпретседателка на САД од редовите на Демократската партија чиј кандидат за претседател е Џо Бајден.

Мета на руските пранкери досега беа и принцот Хари, францускиот претседател Емануел Макрон, потоа Жан-Клод Јункер, Борис Џонсон, неколку американски гувернери и конгресмени и др.