Во ноември минатата година Марјан Забрчанец, советник на премиерот Зоран Заев, соопшти дека разоткриле хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што бил злоупотребен идентитетот на младата екоактивистка Грета Тунберг
Руските пранкери Вован и Лексус денеска го објавија разговорот со поранешниот премиер Зоран Заев, кој мислел дека разговара со активистката против климатските промени Грета Тунберг и нејзиниот татко.
Разговорот, иако е снимен минатата година, е објавен денеска. Минатата година Русите објавија разговори во кои му се претставуваат на Заев како генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
Во последниот објавен разговор, лажната Грета го наведува Заев да зборува за Доналд Трамп и за Емануел Макрон, за спорот со името…, а исто така бара од него да затвори еден од двата аеородроми поради загадувањето, со што тогашниот премиер се согласува.
Во ноември минатата година Марјан Забрчанец, советник на премиерот Заев, објави дека разоткриле хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што бил злоупотребен идентитетот на младата екоактивистка Грета Тунберг. Според него, манипулаторите употребиле брендирани имејл-адреси и телефонски броеви и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев, претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко.
Одредени делови од разговорот биле сомнителни за премиерот и за неговите советници, но сепак била донесена одлука разговорот да оди до крај со цел да се разоткрие сомнежот, рече Забрчанец.
Пранкерите Владимир Кузнетсов и Алексеј Столиров се познати по нивните лажни преставувања и разговори со светски познати личности, особено политички водачи. На нивниот список на измамени политичари минатата година се најде и Заев.