Рускиот парламент денеска ја изгласа големата уставна реформа со која му се овозможува на претседателот Владимир Путин да остане на власт уште 12 години откако неговиот актуелен мандат ќе заврши во 2024 година.
Државната дума во третото и последно читање денеска одобри низа амандмани на Уставот, помеѓу кои и амандманот со кој на Путин му се овозможува дека уште двапати ќе се кандидира за претседателската функција.
„За“ гласаа 383 пратеници, ниту еден не се изјасни „против“, додека 43 пратеници беа „воздржани“.
За уставните амандмани граѓаните ќе гласаат на референдум на 22 април. Пред гласањето амандманите ќе ги разгледува рускиот Уставен суд.
Критичарите на Кремљ го осудија таквиот чекор како цинична манипулација и повикаа на протести.

Уставните промени Путин ги најави уште во јануари во традиционалниот годишен говор.
Тие, освен што предвидуваат можност Путин да остане на власт и по истекот на вториот претседателски мандат во 2024 година, му даваат поголеми ингеренции на парламентот, како правото да го именува премиерот, што досега беше во рацете на претседателот. Единствено разрешувањето на премиерот и натаму ќе биде право на претседателот.
Поради ова, на 15 јануари, тогашниот премиер Дмитриј Медведев поднесе оставка, а еден ден подоцна за негов наследник беше избран Михаил Мишустин.
Како што јавуваат руските медиуми, Медведев веројатно ќе добие нова функција – заменик-шеф на Советот за безбедност на Русија.