Информацијата за посетата на рускиот владика на Скопје за ТВ Сител ја потврдил митрополитот на Дебарско-кичевската епархија,Тимотеј. Средбата, како што вели тој во изјавата за телевизијата, не е случајна, но не открива повеќе детали околу причините и целта на состанокот
Рускиот митрополит Антониј задолжен за меѓународните односи на Руската православна црква (РПЦ) утре наводно ќе биде во посета на Скопје и ќе има средба со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
Информацијата за посетата на рускиот владика на Скопје за ТВ Сител ја потврдил митрополитот на Дебарско-кичевската епархија,Тимотеј. Средбата, како што вели тој во изјавата за телевизијата, не е случајна, но не открива повеќе детали околу причините и целта на состанокот.
„Знам дека утре ќе пристигне, но кога и како не можам да знам оти не знам точно. Утре после тоа ќе има информации за медиумите. Средбата не е случајна. Ќе видиме што ќе ни претстават тие. Неблагодарно е да се зборува било што пред средбата“,
вели за ТВ Сител митрополитот на Дебарско-кичевската епархија,Тимотеј.
Владиката Тимотеј додава дека и тој самиот ќе присуствува на средбата, а со него присутни ќе бидат и неколку архијереи на Синодот на МПЦ-ОА.
Ниту на официјалната веб-страница на МПЦ-ОА, ниту, пак, на онаа на РПЦ, нема официјална потврда за посетата на рускиот митрополит Антониј на Скопје и за целта на истата.
Посетата на рускиот митрополит се случува во време кога МПЦ-ОА го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.