„Сите предуслови се создадени и не гледам дека треба да има некоја пречка за плаќање на начин на којшто е потребно“, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која посочи оти не постојат никакви регулаторни пречки за редовна достава и плаќање на гасот
Ако е потребно, можат да се прават трансакции во рубли за плаќање на рускиот природен гас, потврди денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Сите предуслови се создадени и не гледам дека треба да има некоја пречка за плаќање на начин на којшто е потребно“,
рече Ангеловска-Бежоска во одговор на прашањето на денешната прес-конференција дали домашните институции се подготвени да плаќаат природен гас во руски рубли.
Гувернерката посочи оти воопшто не постојат никакви регулаторни пречки за редовна достава и плаќање на гасот.
„Сè што беше до Централната банка како регулатива веќе е подготвено. Во текот на минатиот месец направена е измена и компаниите кои се увозници на гас немаат никаква пречка во делот на навременото снабдување“,
порача Ангеловска-Бежоска.
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ ја суспендира испораката на природен гас од земјата во Полска и Бугарија откако двете земји одбија да ја плаќаат испораката во руската валута.
Новиот систем за плаќање на рускиот гас во рубли беше воведен од страна на претседателот на Русија, Владимир Путин, а е наменет за непријателските земји кои воведоа многубројни санкции кон земјата откако таа ја започна воената офанзива во Украина.
На листата на непријателски земји е и Северна Македонија.
