Руските истражители соопштија дека се уапсени двајца осомничени мажи, кои тврдат дека се руски војници од Далечниот Исток

Девет лица, меѓу кои и две мали деца, беа пронајдени смртно застрелани во нивниот дом во источниот украински град Волноваха, окупиран од Русија.
Украинските власти веруваат дека руските војници го убиле целото семејство Капканец на 27 октомври бидејќи одбило да им ја даде куќата.
Руските истражители соопштија дека се уапсени двајца осомничени мажи, кои тврдат дека се руски војници од Далечниот Исток.
Украина и Русија покренаа одвоени истраги за нападот, пишува Би-би-си.
На социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледаат раскрвавени тела како лежат во кревети, а некои од нив сè уште се во прегратка.
Семејството одбило да им ја предаде куќата на војниците, тие ги убиле
Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец изјави дека крвавите раце на Русите биле вмешани во убиствата во Волноваха.
„Според прелиминарните информации, окупаторите го убија целото семејство Капканец, кое славеше роденден и одби да им ја предаде сопствената куќа на окупаторите од Чеченија“,
напиша тој на Телеграм.
Обвинителството во Донецк, под контрола на Украина, повикувајќи се на прелиминарни информации, соопшти дека напаѓачите во воени униформи го застрелале семејството откако им било одбиено барањето да ја напуштат куќата.
Меѓу жртвите има и две деца, родени во 2014 и 2018 година, додаваат од канцеларијата.
„Сите соседи велат дека убијците биле војници“
Официјалниот руски истражен комитет ги опиша уапсените како руски војници од Далечниот Исток на земјата, кои потпишале договори со руската армија.
Според информациите, мотивот за злосторството бил семеен конфликт, се вели во соопштението на комисијата.
„Астра“, руски информативен канал на Телеграм, претходно ги цитираше соседите на жртвите кои ја обвинија руската војска за убиствата.
„Сите соседи велат дека убијците биле војници. Сите се плашиме“,
изјавил еден сосед за Астра.
„База“, друг руски телеграм-канал, информира дека членовите на домаќинството имале конфликт со неидентификувани мажи кои носеле воени униформи без обележја.
Волноваха беше заземена од руските сили само неколку недели по почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Поголемиот дел од градот беше уништен.