Чинот на протерување на руските црковни службеници официјална Москва го оцени како богохулен, особено затоа што се случил на празникот Рождество на Пресвета Богородица. Додаваат дека овој непријателски чин на бугарските власти не подлежи на никакво логично објаснување
По протерувањето на двајцата свештеници и шефот на руското црковно предворје во Софија, архимандритот Васијан Змеев, Руската црква во Бугарија сега ќе биде затворена. Ова во објава на Фејсбук го соопшти Амбасадата на Русија во Софија пренесувајќи го ставот на шефицата на руската дипломатија Марија Захарова.
Најавата за затворање на Руската црква во Софија следува откако беше објавено дека тројцата припадници на Московската патријаршија ќе бидат протерани од Бугарија поради закана за националната безбедност.
Чинот на протерување на руските црковни службеници официјална Москва го оцени како богохулен, особено затоа што се случил на празникот Рождество на Пресвета Богородица што, како што додаваат од руското Министерство за надворешни работи, е свет ден за Руската православна црква.
„Овој флагрантен непријателски чин на бугарските власти не подлежи на никакво логично објаснување. Ова покажува дека раководство на Бугарија тргна по патот на уништување не само на политичките контакти меѓу земјите, туку и на културните и хуманитарните врски меѓу нашите народи. Сега целта е да се прекинат односите меѓу сестринските руска и бугарска православна црква, братските врски меѓу рускиот и бугарскиот народ“,
се додава во реакцијата на шефицата на руската дипломатија која ја пренесува Амбасадата на Русија во Софија.
Во јуни 2022 година Бугарија протера 70 руски дипломати и официјални лица.
Неколку дена пред да биде протеран од Русија, архимандритот Васијан Змеев доби забрана за влез во Северна Македонија, а заедно со него од земјава беа протерани уште тројца руски дипломати.
- Тројца руски дипломати прогласени за персона нон грата во земјава, тврди Москва и најавува одговор
- Покрај тројцата дипломати и руски архимандрит добил забрана за влез во С Македонија
Змеев, како што објави Религија.мк, е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби високи претставници на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со особено влијание во Бугарија и во С Македонија.
Според неофицијални информации на порталот, негова заслуга бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.