Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во соопштение посветено на формирање на Меѓународен центар за кривично гонење на злосторствата во агресијата против Украина кое денеска беше објавено на веб-страницата на Делегацијата на ЕУ во Украина, вели дека Русија и нејзиното раководство мора да одговараат за сите злодела кои се извршени во Украина.
„Руската инвазија ѝ донесе неописливо страдање на Украина, а има сè повеќе докази за директни напади врз цивили, како и врз енергетската и друга инфраструктура“,
се вели во соопштението на Фон дер Лајен.
Инаку, денеска, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изврши увид во „командното место“ на линијата на фронтот во Источна Украина, во услови на жестока битка за градот Бахмут.
Министерството за одбрана на Русија објави дека Шојгу го посетил командното место на фронтот во правец Донецк-Југ, без да прецизира точно место или време. Министерството објави видео на кое се гледа како Шојгу лета со хеликоптер, а потоа разговара, без да носи шлем или панцир, со војник пред оштетените згради. Во продолжението на видеото Шојгу им дава медали на руските војници.
За време на посетата на Шојгу, продолжуваат жестоките борби за контрола на Бахмут, во регионот Донецк, место кое стана симбол бидејќи двете страни се борат со месеци. Претходниот ден, шефот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чија единица е во првите редови на битката за Бахмут, рече дека тие „практично го опколиле“ Бахмут и дека моментално има само еден излез од градот.