Иако експертите за недвижности за порталот Нова.рс велат дека се уште е рано да се даваат проценки, неофицијално се информирани за голем број руски државјани кои од средата доаѓаат во Србија, а сопствениците на приватни имоти веќе забележуваат разлика
Во април годинава, војводинскиот истражувачки портал ВОИС објави дека од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари во Србија се регистрирани 323 компании чии основачи се од Руската Федерација
Кусо време по почетокот на војната во Украина, руските граѓани масовно почнаа да доаѓаат во Белград. Нивната многу подобра платежна моќ од просечниот граѓанин на Србија предизвика „земјотрес“ на пазарот на недвижности: скокнаа цените на киријата, но и за квадрат за купување стан. Нов проблем може да се појави по последната одлука на Владимир Путин за делумна мобилизација на населението, пишува порталот Нова.рс во текстот со наслов „Руско стампедо во Белград: Станови се купуваат во кеш, на пазарот му се заканува нов земјотрес“.
Иако експертите за недвижности со кои разговарале велат дека сè уште е рано да се даваат проценки, неофицијално се информирани за голем број руски државјани кои од средата доаѓаат во Србија, а сопствениците на приватни имоти веќе забележуваат разлика.
Еден од менаџерите задолжени за издавање на синџир приватни станови за порталот вели дека становите се издаваат на периоди подолги од шест месеци што, според него, значи дека не сакаат толку брзо да се вратат таму.

Во зависност од големината на овие станови, цените се од 25 евра за ноќ за најмал до 120 евра за оној со најголема квадратура.
„Генерално, се одлучуваат за оние каде што ноќевање во просек чини 60 евра, но секогаш постои опција да им се даде мал попуст“,
вели соговорникот на Нова.
Тој посочува и дека во изминатите два дена патниците од Русија пристигнуваат претежно со ноќни летови и многу доцна пристигнуваат во становите.
Друг сопственик на агенција за недвижнини, пак, вели дека напливот на руски граѓани не престанува од март.
„Русите го сочинуваат најголемиот дел од побарувачката за станови, не само во Белград, туку и во Нови Сад. Она што е важно да се подвлече е дека тие навистина влијаеја на поскапување на закупот бидејќи им се брза и имаат повеќе пари од нашите клиенти“,
вели тој за Нова дoдавајќи дека интересот е толку голем што овој последен врв не се ни почувствувал по најавената мобилизација.
Потсетува дека цените за квадрат и кирија се исклучително високи и ќе останат такви се додека има толкава побарувачка.
Нова.рс прави споредба на цените за изнајмување станови пред и по првото „големо доаѓање“ на Русите. Така, според оваа компаративна анализа, оние станови што претходно се изнајмувале за 300-400 евра, сега достигнуваат цена од 450-500 евра, додека оние што чинеле 700-800 евра месечно, сега чинат 1 000 евра.

Откако претседателот на Русија, Владимир Путин, прогласи делумна мобилизација во таа земја, руски државјани почнаа масовно да ја напуштаат што предизвика поскапи авиобилети.
Воздухопловната индустрија не памети ден како оној во кој беше најавена мобилизација – тричасовен лет во економска класа и по цена од речиси 10 000 евра.
Во април годинава, војводинскиот истражувачки портал ВОИС објави дека од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари во Србија се регистрирани 323 компании чии основачи се од Руската Федерација.