Министерството ги обвинува западните медиуми дека „систематски шират неточни информации“ за руската „специјална воена операција“ во Украина
Министерството за надворешни работи на Русија објави дека ќе забрани голем број медиуми од Европската Унија, како одговор на забраната за руските медиуми во Европа.
Во мај, Европската Унија објави дека ја суспендира работата на четири „пропагандни мрежи поврзани со Кремљ“, со што им го одзема правото да емитуваат и дистрибуираат на нејзина територија.
Забраната се однесуваше на Гласот на Европа, новинската агенција РИА и весниците „Известија“ и „Росијскаја Газета“.
Руското Министерство за надворешни работи денеска возврати, објавувајќи список од 81 медиумска куќа од 25 членки на ЕУ чија работа и емитување сега ќе бидат забранети во Русија.
Министерството ги обвинува западните медиуми дека „систематски шират неточни информации“ за руската „специјална воена операција“ во Украина.
Меѓу забранетите медиуми се француската новинска агенција Франс прес, австриската телевизија ОРФ, ирската телевизија РТЕ и шпанската новинска агенција ЕФЕ и паневропската Политико.
„Руската Федерација постојано предупредуваше на различни нивоа дека политички мотивираното вознемирување на руските новинари и неоправданите забрани на руските медиуми во рамките на ЕУ нема да останат без одговор. Сепак, Брисел и главните градови на земјите членки се одлучија за патот на ескалација, принудувајќи ја Москва да усвои реципрочни и пропорционални контрамерки“,
се вели во соопштението на Министерството.