Од воената инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги заостри мерките за да се потисне каква било форма на политичко несогласување
Руската Дума, долниот дом на парламентот, денеска во прво читање го усвои предлог-законот за конфискација на имот на лица осудени за различни кривични дела, вклучително и намерно ширење лажни информации за руската армија. Мерката ќе важи за сите што ќе бидат прогласени за виновни за дискредитација на вооружените сили, повикување на санкции против Русија или поттикнување екстремистички активности.
Предлог-законот е усвоен во првото од трите читања со 395 гласа „за“ и три „против“. Со тоа државата ќе може да заплени имот од Русите кои ја напуштиле земјата и се критички настроени кон војната во Украина, но кои и понатаму се потпираат на приходите од изнајмувањето на нивните куќи и станови во Русија.
Од воената инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги заостри мерките за да се потисне каква било форма на политичко несогласување. Според законите усвоени во март, дискредитирањето на вооружените сили или ширењето лажни информации за војската се казнува со долги затворски казни.