Одлуката на Русија да го напушти последниот преостанат договор за контрола на нуклеарното оружје со САД е „непоколеблива“, но Москва би можела да биде подготвена да се врати под услов Вашингтон да ја промени својата политика кон Русија
Оваа изјава ја даде рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, што претставува мало, но сепак значајно поместување во позицијата на Москва околу договорите што ги има со Вашингтон за контрола на нуклеарниот арсенал.
„Нашата одлука да го суспендираме Договорот СТАРТ (разговори за намалување на стратешкото вооружување) е непоколеблива. Нашиот услов за враќање на целосното функционирање на договорот е САД да ја напуштат својата фундаментално непријателска политика кон Русија“,
изјави Рјабков.
Во февруари годинава рускиот претседател Владимир Путин објави дека Кремљ го суспендира своето учество во Новиот договор СТАРТ. Договорот, кој стапи на сила во 2011 година, го ограничува бројот на интерконтинентални балистички ракети и нуклеарни боеви глави што САД или Русија можат да ги распоредат.
Во петокот, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон е подготвен да разговара за нова рамка за контрола на нуклеарното оружје „без услови“.