Западот е загрижен дека сателитот не само што ќе ѝ помогне на Русија во војната во Украина туку и ќе му обезбеди на Иран способност за следење потенцијални воени цели
Руска ракета со ирански сателит денеска беше успешно лансирана во Земјината орбита. Сателитот за далечинско набљудување, наречен „Кајам“, беше лансиран со руска ракета „Сојуз“ од космодромот „Бајконур“ во јужен Казахстан во 8:52 часот по московско време, се вели во видеото објавено на Јутјуб од руската вселенска агенција „Роскосмос“.
„Вашингтон пост“ минатата недела објави дека американските власти се загрижени за вселенската соработка меѓу Русија и Иран и дека стравуваат дека сателитот не само што ќе ѝ помогне на Русија во Украина туку и ќе му обезбеди на Иран способност за следење потенцијални воени цели во Израел и Средниот Исток.
Иран вели дека сателитот е дизајниран за научни истражувања, вклучувајќи следење на зрачењето и мониторинг на животната средина и дека ниту една друга земја нема да има пристап до информациите што ќе ги прибира.
Русија се обидува да ги продлабочи своите врски со Иран откако ја нападна Украина во февруари.
Минатиот месец рускиот претседател Владимир Путин го посети Иран на неговото прво меѓународно патување надвор од поранешниот Советски Сојуз по војната.