Министерството за внатрешни работи на Русија денеска соопшти дека отворило истрага за случајот со опозиционерот и еден од главните критичари на Кремљ, Алексеј Навални, поради можно труење.
Навални (44) е во индуцирана кома во берлинска болница, каде што беше префрлен во саботата откако неговото здравје нагло се влоши на летот од Сибир за Москва.
Германска болница соопшти дека првиот медицински преглед на Навални укажува на труење, додека руските лекари, кои го лекуваа во сибирската болница, тврдеа поинаку.
Одделението на сибирското Министерството за внатрешни работи започна прелиминарна истрага откако авионот во кој се наоѓаше Навални беше принуден да слета во Сибир откако му се слоши на рускиот дисидент. Тие велат дека извршиле увид во хотелската соба каде Навални престојувал во Томск, ги истражиле рутите по кои се движел во градот и анализирале снимки од надзорните камери од областа.
Тие тврдат дека не откриле никакви лекови или други супстанции.
Кремљ оваа недела објави дека сака околностите за состојбата на Навални да бидат откриени и изрази надеж дека инцидентот нема да им наштети на односите со Западот.
ЕУ и поединечно Германија, Франција и други земји ја повикаа Русија да спроведе сеопфатна истрага.
Министрите на ЕУ се очекува набрзо да разговараат за состојбата на Навални.