За тоа што ќе се случи со украинските војници, властите од Киев сугерираат дека тие ќе бидат вратени дома во размена со руски војници кои беа заробени од украинските сили. Меѓутоа, тоа засега Москва не го потврдува
Русија вчера прогласи победа во повеќемесечната битка за освојување на Мариупол соопштувајќи дека „целосно го ослободиле“ овој пристаништен град откако се предале и последните украински борци кои ја бранеа тамошната фабрика за челик „Азовстал“.
Според информациите кои ги објавија руските власти 531 украински војник вчера го напуштиле местото, а во последните неколку дена вкупниот број на лица кои се предале изнесувал 2 439.
Москва не кажува каде ги „евакуираше“ украински војници вчера, но познато е дека претходните кои се предадоа со автобуси беа испратени на територија под руска контрола.
Во текот на ноќта, руското Министерство за надворешни работи (МНР) објави и видео фалејќи се со предавањето на војници, меѓутоа многу прашања засега остануваат отворени.
⚡ The day has come: Mariupol and the Azovstal' steel plant are completely liberated by the Allied Forces of Russia, DPR & LPR.
— MFA Russia 🇷🇺 (@mfa_russia) May 20, 2022
The last group of the Azov battalion Neo-Nazis and Ukrainian servicemen surrendered – over 2400 militants laid down arms. pic.twitter.com/KWuhzAub7r
Прво, и покрај тврдењата на Русија за бројка од над 2 000 војници од „Азовстал“ кои сега се во нејзини раце, анализира Би-би-си, сè уште не е јасен точниот број. Наспроти руските тврдења, Црвениот крст вели дека регистрирал оти има „стотици“ воени затвореници. Сепак, нагласува медиумот, објаснувањето за разликата во бројките може да се бара и во доцнење на процесот на анализа.
За тоа што ќе се случи со украинските војници, властите од Киев сугерираат дека тие ќе бидат вратени дома во размена со руски војници кои беа заробени од украинските сили. Меѓутоа, тоа засега Москва не го потврдува.
Тинк-тенк организацијата Институт за проучување на војната, со седиште во Вашингтон, анализира дека руските власти можеби ќе се обидат и да го зголемат бројот на заробени украински војници со цел да го максимизираат бројот на руски заробеници што би биле ослободени при евентуална размена. Во западните анализи се посочува уште еден важен фактор што би можел да влијае на тоа што ќе се случи со заробените украински војници, а тоа е дека руското раководство можеби ќе се обиде „да го одбегне срамот“ бидејќи евентуална сегашна размена би можела да открие дека нивните воени сили подолг период биле попречување во опсадата од стотици, а не од илјадници украински бранители.