Руската и Украинската страна досега веќе трипати седнаа на маса, а досегашните преговори најмногу се однесуваа на хуманитарните прашања, кои доведоа до отворање на хуманитарни коридори за евакуација на цивили од воените зони
Руските и украинските функционери денеска излегоа со најоптимистични оценки за напредокот на преговорите меѓу двете земји, сугерирајќи дека е прашање на ден кога ќе дојде до позитивни резултати, а знаци за напредок во преговорите гледаат и САД, пишува Си-ен-ен.
„Во принцип нема да попуштиме ниту за една точка. Русија тоа сега го разбира и веќе започнува конструктивно да разговара“,
изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак во видео обраќање, изразувајќи надеж дека позитивните сигнали ќе пристигнат за неколку дена.
Претставникот од руската делегација во преговорите, Леонид Слуцки, исто така потврдил дека е постигнат значителен напредок во преговорите, пренесува агенцијата РИА.
„Според моите лични очекувања, овој напредок во разговорите во следните неколку денови би можел да прерасне во заеднички став меѓу двете земји“,
рекол Слуцки.
Сепак, ниту едната страна не открива што се ќе опфаќа постигнатиот договор.
Руската и Украинската страна досега веќе трипати седнаа на маса, а досегашните преговори најмногу се однесуваа на хуманитарните прашања, кои доведоа до отворање на хуманитарни коридори за евакуација на цивили од воените зони.
САД го поздравува напредокот
„Русија покажува знаци на подготвеност да се впушти во суштински преговори околу Украина, иако моменталната цел на Москва е да го уништи својот сосед“,
изјави денеска заменичката на американскиот државен секретар, Венди Шерман.
Таа во интервју за Фокс Њуз Сандеј, рече дека САД вршат „голем притисок“ врз Путин за тој да ја запре повеќенеделната инвазија на Украина.
„Овој притисок почнува да делува. Гледаме некои знаци на вистински, сериозни преговори. Но, морам да кажам дека засега се чини дека Путин сепак има намера да ја уништи Украина“,
истакна Шерман.