Украина да биде воено неутрална, да го признае Крим како руска територија, а сепаратистичките републики Донецк и Луганск како независни територии, се едни од главните барања на Москва за да ги прекине воените дејствија во Украина, рече Песков
Русија бара Украина да престане со воените дејствија, да го промени својот Устав со цел да воведе амандмани за неутралност, да го признае Крим како руска територија, а сепаратистичките републики Донецк и Луганск како независни територии, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков за Ројтерс изјави дека Русија ѝ кажала на Украина дека е подготвена да ја прекине воената акција веднаш штом Киев ќе ги исполни овие услови.
Тој исто така рече дека Украина е запознаена со условите.
„Им беше кажано дека сето тоа може да се прекине за миг“,
рече Песков.
Тој додава дека кога станува збор за украинската неутралност, таа земја треба да усвои амандмани на Уставот според кои Украина би останала воено неутрална и не би се приклучила кон кој било блок.
„Тоа е можно само со промена на Уставот“,
истакна Песков.
Тој, исто така, нагласи дека Русија нема никакви дополнителни територијални претензии кон Украина.
„Демилитаризацијата на Украина се приближува кон крајот. Но, главната работа е Украина да ја прекине својата воена акција, а кога ќе го направат тоа, тогаш никој нема да пука“,
рече тој.
Ова барање на Кремљ доаѓа во време кога делегациите на Украина и Русија се подготвуваат за третата рунда мировни преговори.