Најголем дел од аранжманите кои ги нудат руските туристички агенции се за Србија и повеќето Руси решаваат да се вакцинираат со „Фајзер“. Пакетите чинат од 600-850 евра и се состојат од повратен авионски билет, две до три ноќевања во Белград, појадок и превоз до вакциналниот пункт
Руските туристички агенции продаваат аранжмани со кои им нудат на Русите да одат во странство и да се вакцинираат со некоја од странските вакцини поради фрустрацијата која владее кај тамошните граѓани што не може да патуваат секаде ако се вакцинирани со „спутник В“, пренесува „Ројтерс“.
Во Русија досега не се користи ниту една странска вакцина. Одобрени се само четири домашни вакцини, меѓу нив и „спутник В“. Иако оваа вакцина, која е најпопуларна од руските, беше во фаза на одобрување, СЗО пред околу една недела соопшти дека го суспендира процесот на одобрување поради откриени прекршоци при направената контрола во фабриката за производство.
Од тогаш, како што констатира директорката на Здружението на руските тур-оператори, Маја Ломизе, побарувачката за туристичките аранжмани уште повеќе се зголемила. Најголем дел од аранжманите што ги продаваат агенциите се за патување во Србија и чинат околу 600-850 евра, но има и една агенција која нуди патувања за вакцинација во Германија.
Доколку решат да се вакцинираат со вакцина за која се потребни две дози, тогаш патниците мора да резервираат две патувања со туристичката агенција. Портпаролката на туристичката агенција „Рашан експрес“, Ана Филатовскаја, која продава вакви тури за во Србија, вели дека клиентите најчесто одлучуваат да се вакцинираат со „Фајзер“. Аранжманите кои ги нуди оваа агенција се состојат од повратен авионски билет, две до три ноќевања во Белград, појадок и превоз до вакциналниот пункт.
„Почнавме да ги продаваме овие аранжмани пред околу две недели. Во тоа време имаше околу 20 резервации, но побарувачката се зголеми откако локалните медиуми јавија дека нудиме вакви тури. Тоа предизвика огромна побарувачка“,
вели Филатовскаја споредувајќи дека само тој ден кога се проширила веста направиле 17 резервации.
Ивета Вердијан, директорка на маркетинг одделот во друга агенција, исто така, сведочи дека има побарувачка за овие туристички аранжмани. Според нејзината изјава, клиентите кои ги резервираат овие тури во нивната агенција најчесто се лица кои имаат бизнис-патувања или чии деца студираат во странство.
Покрај со туристичките агенции, има и Руси кои во сопствена режија одат во странство за да се вакцинираат.
„Ѝ верувам на вакцината ’спутник В‘, но таа не е признаена во странство, а правилата кои важат таму се дека ми треба меѓународно признаен сертификат за да можам да патувам за работа“,
вели за „Ројтерс“, Марија – жителка на Москва, која сакала да остане анонимна и не го кажала своето презиме на новинската агенција.