Оваа одлука на министрите за европски прашања потоа ќе треба да биде потврдена и од лидерите на земјите членки на Европската Унија на самитот што ќе се одржи в четврток на 15 декември
Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), дознава дека министрите за европски прашања на состанокот во Брисел, кој сè уште е во тек, веќе донеле заклучоци во кои се наведува дека „се препорачува Босна и Херцеговина да добие статус на земја кандидат со потврда од Европскиот совет“.
Оваа одлука на министрите потоа ќе треба да биде потврдена и од лидерите на земјите членки на Европската Унија на самитот што ќе се одржи в четврток на 15 декември.
РСЕ претходно го разгледа документот што треба да биде усвоен на крајот од состанокот на Советот за општи работи, во кој се наведува дека во „актуелниот геополитички контекст, Советот ја нагласува итноста БиХ да напредува на својот пат кон ЕУ“.
Европската комисија во октомври годинава препорача статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ за Босна и Херцеговина, со очекување дека ќе бидат исполнети осум конкретни услови поврзани со реформи во правосудството и управата.
Прашањето за доделување кандидатски статус на БиХ беше покренато откако претходно ЕУ го одобри овој статус за Украина и Молдавија.
На ова, пред сè, инсистираше Словенија, чиј премиер на самитот во јуни не дозволи усвојување на пакет заклучоци во кои беше опфатена и одлуката за Украина и Молдавија, додека во поглавјето не беше ставена поконкретна реченица за кандидатскиот статус за БиХ.
Босна и Херцеговина аплицираше за полноправно членство во Европската Унија во 2016 година.