Динчу поднесе оставка една недела откако изјави дека преговорите со Русија се единствената шанса на Украина за мир, што се разликува од официјалната позиција на Романија
Романскиот министер за одбрана Василе Динчу поднесе оставка, наведувајќи ги како причина проблемите во соработката со претседателот Клаус Јоханис, врховен командант на романските вооружени сили.
Динчу, член на владејачката Социјалдемократска партија, поднесе оставка една недела откако изјави дека преговорите со Русија се единствената шанса на Украина за мир, што се разликува од официјалната позиција на Романија.
Министерот за одбрана, кој помина нешто помалку од една година на функцијата, на Фејсбук изјави дека оставката ја испратил до Јоханис и до премиерот Николае Чука.
Динку изјави дека неговото повлекување е неопходно за да не се комплицира процесот на одлучување во воените програми и „за да не се блокираат бројни проекти апсолутно неопходни за оптимално функционирање“ на Министерството за одбрана и Армијата.
Динку беше подложен на жестоки критики затоа што сугерираше дека на Украина ѝ се потребни меѓународни сојузници за да преговараат за безбедносните гаранции и мирот со Русија. Тој подоцна рече дека неговите коментари биле извадени од контекст.
Претседателот Клаус Јоханис рече дека Украинците плаќаат со крв во војната и само тие можат да одлучат за што и кога да преговараат и дека тоа е позиција што ја имаат Романија и ЕУ.
Романија, членка на ЕУ и НАТО која се граничи со Украина, стана особено важна откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Романија е дом на мултинационални групи војници и системи за воздушна одбрана на алијансата.