„Како би биле задоволни? Ние очекувавме дека обвинетите ќе добијат максимални казни. Првообвинетиот доби четири години. Како да бидеме задоволни кога 16 луѓе ги загубија животите… Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија. И како да бидам задоволен со вакви казни, особено на првообвинетиот, второ, трето, четврто и петтобвинетиот. Сметам дека казните се минимални“, изјави Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски кој загина во несреќата
За обвинителот Дарко Јакимовски, очекувањата се исполнети и смета дека главната порака е што е донесена осудителна пресуда за сите обвинети во случајот. Во однос на висината на казните, тој, во изјава за медиумите рече дека тие ќе бидат преиспитани од страна на обвинителството
Денешната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која по речиси пет години финишира судскиот процес за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени, не ги исполни очекувањата на роднините на настраданите.

Тие во голем број денеска беа присутни во судницата број 1 во скопскиот Кривичен суд, каде што ја слушнаа пресудата со која шестемина обвинети беа прогласени за виновни и сумирано, сите заедно добија затворска казна од 39 години.
Највисока казна доби шестообвинетиот – возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Мануел Трифуновски. Првообвинетиот Дурмиш Белули сопственик и одговорно лице во фирмата, првостепено е осуден на 4 години, второобвинетиот Ремзи Мифтари, одговорен за превозот, доби шест години, додека трето, четврто и петтообвинетите – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, вработени во станицата за технички преглед, инаку сопственост на истата фирма, се осудени на по пет години години затвор.
Сите шестмина се товареа за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од членот 300 од Кривичниот законик, врзано со други членови од КЗ зависно од квалификацијата на дејствата што секој од обвинетите ги извршил, со што придонел да се случи кобната несреќа пред пет години кај селото Ласкарци.
Роднините на жртвите велат дека не можат да бидат задоволни од пресудата, затоа што очекувале максимални казни за сите обвинети.
„Како би биле задоволни? Ние очекувавме дека обвинетите ќе добијат максимални казни. Првообвинетиот доби четири години. Како да бидеме задоволни кога 16 луѓе ги загубија животите. Ја слушнавте пресудата на судечкиот совет по кои членови ги товарат од Кривичниот законик, мислам 38 тешко повредени. Ова се минимални казни, мислам дека требаше да добијат максимални казни, сите што беа инволвирани во оваа сообраќајка, во оваа трагедија што се случи за Гостивар. Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија. И како да бидам задоволен со вакви казни, особено на првообвинетиот, второ, трето, четврто и петтобвинетиот. Сметам дека казните се минимални“,
изјави Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски кој загина во несреќата.
Засега, рече Трпевски говорејќи во името на другите роднини на оштетените, не можат да кажат дали ќе ја обжалат пресудата пред Апелацискиот суд бидејќи прво сакаат да се консултираат со своите адвокати.
„Во периодот што претстои ќе бидете навремено известени дали ќе ги обжалиме и какви чекори ќе преземеме ние како оштетени што ги изгубивме своите најмили во оваа сообраќајна несреќа“,
рече Трпевски одговарајќи на новинарско прашање.

За обвинителот Дарко Јакимовски, очекувањата се исполнети и смета дека главната порака е што е донесена осудителна пресуда за сите обвинети во случајот.
Во однос на висината на казните, тој, во изјава за медиумите рече дека тие ќе бидат преиспитани од страна на обвинителството.
„Секако дека ние очекувавме осудителна пресуда за сите обвинети. Што се однесува во поглед на одлуката за санкцијата, секако дека истата ќе биде преиспитана од наша страна, за сите обвинети“,
рече Јакимовски.
Прашан дали според него е доволна казната од четири години за сопственикот на фирмата превозник, како одговорно лице и со оглед на тоа што само тој имал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, што е услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници, Јакимовски повтори дека пресудата ќе се преиспита, а битна алка во одговорноста е управителот и одговорно лице во фирмата.
„Секако дека нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску кон законскиот минимум на казнување за ова кривично дело, кое може да се движи во распон од четири до 20 години. Во тој поглед секако ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е секако одговорното лице и управител. Се надевам дека во иднина никогаш нема да бидеме сведоци на ваква трагедија“,
рече обвинителот Јакимовски.

Пресудата ја изрече судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседаваше со судечкиот совет во предметот. Таа, откако ги прогласи за виновни и пред да ги соопшти казните, ги образложи дејствијата за кои се товареа секој од обвинетите.
Обвинетите Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во неговата фирма, Ремзи Мифтари, како што наведе судијката, не се придржувале кон прописите за безбедност при вршење масовен превоз на патници, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.
„Дозволиле во сообраќајот континуирано да учествува технички неисправен автобус без да преземат контрола и мерки за да има исправна состојба и да учествува во јавен сообраќај“,
рече судијката Диана Груевска-Илиевска.
Дурмиши, иако бил должен да води сметка за исправноста и безбедноста на возниот парк, тој не организирал, ниту, пак, вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата. Раководењето, како што наведе судијката во образложението на пресудата, иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на второобвинетиот Ремзи Мифтари, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Во фирмата превозник не се водела евиденција за сервисирањето на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, кои биле оставени сами да го организираат распоредот на возење.

Во пресудата, меѓу другото, беше спомената и манипулацијата со тахографот на автобусот, која обвинетите свесно ја направиле и дозволиле за да се избегне уредот правилно да ја регистирира брзината на движење на автобусот, преку вклучување и исклучување на прекинувач поставен во возилото.
За тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, во изреката на пресудата беше наведено дека предизвикале опасност бидејќи, иако воочиле и знаеле дека автобусот е неисправен, дека има проблеми со сопирачките, сепак, дозволиле тој да помине на технички преглед во станицата, чиј сопственик, исто така бил Дурмиши.
„Поради утврдените технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни, наместо да спречат учество на автобусот во сообраќај и да пријават во Министерството за транспорт и врски, дозволиле да учествува во сообраќај неисправен автобус“,
рече судијката.
Обвинетиот возач Мануел Трифуновски, како професионален возач, свесен дека управува неисправно возило, на 13 февруари 2019 година, со 55 патници со брзина од 99 километри на час, поголема од дозволената го управувал автобусот, знаел за прекинувачот за манипулација со тахографот и во критичниот момент во отсуство на внимание удрил во металната ограда на левата страна од коловозната лента, по што следеле настаните по кои автобусот се преврте во нива покрај патот, а кои судијаката Диана Груевска-Илиевска ги опиша во образложението на пресудата.
Автобуската несреќа на која се однесува овој судски процес се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 38 беа повредени. Во попладневните часови на кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар. Судскиот процес започна истата година, односно на 5 септември, кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бејлули, и останатите петмина обвинети.
Изминатата година рочиштата во скопскиот Кривичен суд главно се водеа околу супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година, по барање на дел од обвинетите. Клучна причина беше тоа што вештачењето на Обвинителството покажува обид на возачот да кочи, додека одбраната на останатите обвинети покрај шоферот, го тврдеше спротивното. Супервештачењето беше готово по дури една година и два месеци, на 27 декември 2022 година, а дел од рочиштата на кои искази даваа вештите лица кои беа назначени од Бирото за судски вештачења се одвиваа во тензична атмосфера, а на супервештачењето свои забелешки имаа и обвинителство и одбраната, односно роднини на дел од настраданите.