Во Законот за трговски друштва пишува дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда
Роднина на бугарскиот Цар Борис Трети дал согласност неговото име да го носи здружението од Охрид, чие регистрирање деновиве ја бранува јавноста. Оваа информација ја пренесува ТВ Канал 5, повикувајќи се на одговор што го добиле од Централниот регистар.
Според Регистарот, здружението е впишано лани во ноември во согласност со Законот за здруженија и фондации.
„Согласност од Министерство за правда не е доставено како прилог кон пријавата за упис, од причина што подносителот на истата доставил прилог доказ согласно член 49 став 2 од Законот за трговски друштва, а во врска со член 8 од Законот за здруженија и фондации, имено доставил согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети во името на Здружението“,
го пренесува Канал 5 објаснувањето од Централен регистар.
Во Законот за здруженија и фондации е предвидено дека за прашањата поврзани со имињата на здруженијата, во одредени случаи, се применуваат одредбите од Законот за трговски друштва. Според тие одредби, може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
Освен што соопштиле дека основачот на Здружението доставил доказ за согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети, од Централниот регистар не дале подетални информации кој е доказот и кој гарантира за неговата законитост.
Денеска Министерството за правда соопшти дека Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари ,,Цар Борис Трети” Охрид не доставило барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација.
За постапката за регистрација на здружение со име на личности кои длабоко задираат во чувствата поврзани со историјата, „360 степени“ пишуваше уште во април годинава кога се отвораше клубот при Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Имено, според Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот Македонија. Освен оваа, нема друга одредба под кое име смее или не смее едно здружение да се регистрира, туку само дека името треба јасно да се разликува од другите организации запишани во Регистарот.
Сепак, законодавецот предвидел „за прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво“.
Во тој закон, пак, пишува дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
Случајот со регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети“ го актуализираше Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Тие соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети” од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.
Токму во врска со тие реакции на социјалните мрежи се огласија и од самото здружение, од каде ги отфрлија тврдењата дека станува збор за „неонацистичко здружение“.
„Се оградуваме дека сме неонацистичко здружение, немаме никаква соработка или било какви намери со антисемитистички движења. Со голема почит кон еврејскиот народ и жал за работите кои се случувале во минатото, заедно да чекориме во иднината на нашата татковина Македонија кон европските вредности со почит и разбирање. Нашето здружение е формирано за зачувување и негување на бугарската култура со почит кон ликот и делото на Цар Борис III обединител. Македонија е исто и наша држава во која го почитуваме уставот и законите. Проблемите нека ги решаваат политичарите од двете страни, историчарите – историјата. Ние сме едни обични граѓани кои не сакаме и замолуваме да не сме злоупотребувани за партиски цели и поени“,
пишува во Фејсбук статусот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.