
Освен во манипулативните умови на ВМРО-ДПМНЕ, родител 1 и родител 2 не постојат кај мене, ниту во политиките на СДСМ, рече коносителката на листата во ИЕ4 од СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, Јованка Тренчевска на митиг во Струмица.
Таа додаде дека противкандидатот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој, според неа, избегал од Охрид, пред струмичани „како дрво без корен ветува традиција, историја и гордост“, бидејќи немал храброст да се обрати пред своите.
„Од 2017 година до денес отворивме 84 градинки и го зголемивме опфатот на децата во предучилишно образование од 25 на 48 проценти. Во 2024 и 2025 година дополнително ќе отвориме уште 20 градинки, кои се во тек на градба и се обврзуваме опфатот на деца да го зголемиме на 70 проценти“,
рече Тренчевска.
Таа додаде дека Владата предводена од СДСМ вовела лични и образовни асистенти, го зголемила посебниот додаток за децата со попреченост, а се воведени и детски и образовен додаток за секое дете кое потекнува од семејство без или со ниски приходи.