Нема законска основа ниту судска пракса да се пресметува времето поминато во притвор на обвинетиот за дела каде што нема правосилна пресуда, во однос на дело за кое е донесена правосилна пресуда, оценува поранешната врховна судијка Милка Ристова. По дилемите во јавноста изминативе денови кои произлегоа по пресудата за ексминистерот Миле Јанакиески во случајот „Титаник“, Ристова во објава на Фејсбук наведува дека нема правна празнина, судиите треба да го применуваат постојниот закон.
„Чекав за оваа прашање кое досега за ниеден осуденик не се поставило, да изразат став стручните здруженија или долгогодишни судии и јавни обвинители, за да непотребно не се вознемирува јавноста. Секако надлежниот суд ќе донесе одлука по изјавениот правен лек. Тие кои практично го применуваат ЗКП , знаат дека нема ниту законски основ, ниту македонска судска пракса, ниту таква пракса од другите држави кои произлегоа од поранешна Југославија , а со кои споделувавме ист правен систем , во која притвор определен во кривична постапка во тек, во која нема правосилна пресуда, не се засметува во друга кривична постапка завршена со правосилна пресуда“
објаснува Ристова.
Ристова објаснува дека тоа е можно само при спојување казни од повеќе правосилно завршени кривични постапки против исто со казна затвор осудено лице , во кои имало определено притвор.
Ексминистерот Јанакиески од Апелацискиот суд неделава доби пониска затворска казна од определената со првостепената пресуда, односно од четири години и шест месеци затвор, Апелација му ја намали казната на три години и шест месеци. Тој од куќен притвор беше спроведен во затвор, а адвокатите на Јанакиески побараа притворите од разни предмети кои ги одлежал Јанакиески да се соберат и да му се одземат од казната за „Титаник“, бидејќи веќе има поминато во притвор четири години и шест месеци.
Правниците и познавачите се со поделени мислења околу случајот на Јанакиески. Вчера академик Камбовски во изјава за „Телма“ рече дека судот требало да го пресмета времето поминато во притвор при изрекување на казната. Според него во првата правосилна пресуда, изречена за кое било дело, судот мора да го засмета во изречената казна затвор дотогаш одредениот притвор, односно куќниот притвор и неговото времетраење. Тоа, како што објаснува, не исклучува во секоја следна правосилна пресуда (без разлика колку постапки има) да се изврши натамошно засметување на времетраењето на притворот.
„Судот не може да калкулира какви ќе бидат пресудите по другите предмети, на тој начин ги прејудицира, судот не може тоа да го прави. Има пред себе конкретен случај и го решава тој случај, а Кривичниот законик му налага кога ќе изрече казна затвор да го засмета притворот што бил издржан до тогаш. Има и едно друго правило кога постои двоумење во примената на законите треба Судот да одлучува „ин дубио про либертате“ во случај на сомневање да одлучи во корист на обвинетиот“
појасни Камбовски.