Тој, објаснувајќи зошто е дојдено до ваква ситуација, рече дека претходната Влада правејќи одредени ад-хок решенија и политиканство, има склучено неколку колективни договори спрема некои други закони во одредени институции, односно во Министерството за финансии

Факт е дека навистина платите во одделни институции и министерства се пониски и не соодејствуваат со економската состојба во Македонија. Меѓутоа, начинот на кој што се изразува тоа незадоволство мислам дека е недозволиво бидејќи навистина има поразлични методи и мерки да се дојде до вистинската цел. Ова е ставот на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески во однос на денешниот протест на вработените во шест министерства и две институции.
Според Ристески, постои сомнеж дека зад протестите има политичка заднина до која немало да дојде доколку во изминатиот период биле исцрпени сите демократски инструменти.
„Доколку беа исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период и разговори, навистина немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина. А, вака сомнежот е голем дека зад сето ова има некоја политичка позадина што не е добро, бидејќи преку синдикатите се злоупотребуваат вработените“,
рече Ристески во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Тој вели дека како Влада имаат многу добар и транспарентен однос со УПОЗ и со Синдикатот и не гледа причина зошто низ дијалог и разговори во самите министерства не е дојдено до некое заедничко решение.
„Најдобро би било тоа да се одвива во рамки на Економско социјалниот совет. Ние како Влада покажавме и докажавме во претходниот период дека сме доста транспарентни и отворени, имаме голем број на комуникации со сите синдикати во Македонија и посебно со УПОЗ. Претходно имавме два Економски социјални совети на кои што не беше истакнато такво нивно барање за покачување на плата од 30 отсто“,
рече Ристески.
Тој додаде дека во наредниот период ќе има покачување на платата во јавната администрација и посочи дека тоа секогаш треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија.
„Но, тука ќе треба и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека сепак јавната администрација е сервис на граѓаните“,
рече тој.
Тој, објаснувајќи зошто е дојдено до ваква ситуација, рече дека претходната Влада правејќи одредени ад-хок решенија и политиканство, има склучено неколку колективни договори спрема некои други закони во одредени институции, односно во Министерството за финансии.
„Денеска неправично во неповолна ситуација се доведени вработените во јавната администрација кои работат во различни институции. Имаме ситуација кога на исти работни позиции во различни институции или министерства, вработените земат различна плата со таквите штетни колективни договори кои се правени без никаква претходна анализа, договор и дијалог, ниту со одобрување од страна на Министерството за финансии бидејќи за тоа не биле обезбедени претходно финансиски средства, што укажува на незаконитоста во донесувањето на тие колективни договори“,
рече тој.
Тој вели дека предизвик на оваа Влада е да направи едно системско решение на долг рок каде ќе бидат хармонизирани платите по исти позиции во различни институции во јавниот сектор во државата.
Според него, со законот за државни службеници, ќе бидат регулирани коефициентите и сите поволности што ќе ги нуди тој како донесување на 13-та плата, К15 и додаде дека се покажува голем интерес за негово донесување.
Тој во разговорот се осврна и на новогодишната кошничка што завршува денеска, а за која рече дека имала ефект.
„Видовме дека во текот на годината е постигната основната цел, а тоа е да го задржиме степенот на инфлација да биде 3,5 отсто на крајот на годината“,
рече Ристески.
Заменик-министерот најави дека утре на состанокот закажан во Стопанската комора ќе ги сумираат резултатите од новогодишната кошничка и ќе ги договараат следните мерки, а најави и дека ќе побараат да не дојде до ценовни шокови.
Исто така, тој упати апел до сите трговци барем основните прехранбени производи кои се најпотребни за трпезите на македонските граѓани да ги остават со исти цени.
Тој рече дека доколку се види нагло покачување на цените на основните прехранбени производи, тогаш ќе бидат приморани да ги замрзнат цените.
„Доколку осетиме нагло покачување на цените на одредени производи, тогаш ќе бидеме приморани да применуваме најнепопуларни мерки, со кои ќе има замрзнување на цените на одредени прехранбените производи. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Тие треба да имаат степен на општествена одговорност спрема граѓаните. Не треба да дозволиме ниту бизнис секторот, ниту Владата, да имаме вештачко покачување на цени, инфлација, што ќе се одразува негативно по џебот на граѓаните“,
рече Ристески.ж
Новогодишната кошничка, во која имаше опфатено над 1 100 производи што беа намалени за 10 отсто, по овие цени ќе се продаваат уште денеска бидејќи од утре завршува мерката што траеше изминатиот месец.