Се поизвесно е дека Риши Сунак ќе стане нов британски премиер откако Борис Џонсон се повлече од трката, порачувајќи дека сфатил оти иако има доволно поддршка за да влезе во финалето, на државата и на Конзервативната партија им е потребно единство.
Џонсон побрза да се врати од одмор на Карибите во обид да обезбеди поддршка од 100 пратеници за да влезе во натпреварот за наследник на Лиз Трас, која дојде на неговото место минатиот месец, откако беше принуден да поднесе оставка поради серија скандали.
Џонсон изјави дека обезбедил поддршка од 102 пратеници и дека можел „да се врати на Даунинг стрит“, но не успеал да ги убеди ниту Сунак, ниту Пени Мордон да се обединат „во националниот интерес“.
Верувам дека имам многу да понудам, но се плашам дека ова, едноставно, не е вистинското време, изјави Џонсон.
До неделата, поранешниот премиер обезбеди јавна поддршка од нешто помалку од 60 конзервативни пратеници, а Сунак од речиси 150.
Изјавата на Џонсон најверојатно го отвора патот за неговиот ривал, 42-годишниот поранешен министер за финансии Сунак, да стане премиер.
Тој би ја заменил заменил Трас, која беше принудена да поднесе оставка откако започна економска програма која доведе до превирања на финансиските пазари.
Според правилата, доколку само еден кандидат обезбеди поддршка од 100 конзервативни пратеници, тој ќе биде именуван за премиер. Доколку двајца кандидати го поминат прагот, ќе гласаат членовите на партијата.
Сунак рече дека се надева оти Џонсон ќе продолжи да придонесува во јавниот живот „дома и во странство“.
Сунак првпат го привлече вниманието кога, на 39-годишна возраст, стана министер за финансии во времето на Џонсон, во период кога ковид-19 ја погоди Велика Британија.
Сунак го пофали Џонсон, велејќи дека „секогаш ќе бидеме благодарни“ за неговите постапки за време на пандемијата и војната во Украина.
Доколку биде избран, Сунак ќе биде првиот премиер со индиско потекло во Обединетото Кралство.