Капсулата со дијаметар од само шест и должина од осум милиметри во себе содржи мала количина радиоактивен цезиум-137, кој, според здравствените власти, не може да се употреби како оружје, но може да предизвика сериозни здравствени последици доколку се допре

Англо-австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“ се извини откако еден од нејзините произведувачи овој месец изгуби мала радиоактивна капсула во Западна Австралија, што предизвика предупредување за радијација во делови од сојузната држава.
Радиоактивната капсула била изгубена додека се транспортирала од рудникот на „Рио Тинто“, во близина на градот Њуман, до складиште оддалечено од околу 1 400 километри од градот Перт. Компанијата соопшти дека капсулата го напуштила рудникот на 12 јануари, а била пријавена за исчезната на 25 јануари.
„Рио Тинто“ рече дека исчезнувањето на капсулата го сфаќа многу сериозно и дека соработува со властите со цел таа да биде пронајдена што поскоро.
„Свесни сме дека ова е очигледно многу загрижувачко и жалиме за тревогата што е предизвикана. И покрај целосната поддршка на релевантните органи, започнавме сопствена истрага за да разбереме како капсулата се изгубила при транзит“,
изјави извршниот директор на „Рио Тинто“, Сајмон Трот.
Во саботата рударскиот гигант потврди дека капсулата потекнува од еден од неговите рудници, а државните власти издадоа предупредување за радијација низ делови од Западна Австралија.
Капсулата со дијаметар од само шест и должина од осум милиметри, во себе содржи мала количина радиоактивен цезиум-137, кој, според здравствените власти, не може да се употреби како оружје, но може да предизвика сериозни здравствени последици доколку се допре.
Официјални лица велат дека се загрижени оти некој би можел да ја земе капсулата не знаејќи што е тоа.